Вардар не се ни помачи, а победи во Прешов – прв е во СЕХА!

Вардар запиша трета победа во СЕХА-лигата, овој пат без многу мака, иако на гости на еден од понезгодните терени според традицијата. Во Прешов, црвено-црните го совладаа Татран со 29-22.

Давид Писонеро не ја замори премногу екипата, која пред само два дена имаше исцрпувачко гостување во Запорожје, меѓутоа и овој пат има материјал за покажување како не треба.

Вардар не функционираше најдоро во првото полувреме, имаше неколку промашување од изгледни пригоди, правеше грешки во додавања, ама и покрај тоа – константно водеше. Ако нешто функционираше, тоа беше одбраната и голмано Артурс Кугис, па на пауза важеше резултатот 10-8 за актуелнит шампион во СЕХА.

Во второто полувреме, како што веќе навикнавме во неколку натпревари, Вардар покажа друго лице, многу поубедлива и посигурна игра, направи серија од 3-0, потоа од 5-2 и веќе во 45. минута првпат водеше со 10 разлика, 23-13. Оваа резултатска дистанца се повтори уште двапати, а како одминуваше времето, Писонеро го комбинираше составот и ги одмораше играчите.

На крај, Дибиров со пет гола беше најефикасен, со по четири придонесоа Криштопанс и Шишкарев. Кугис имаше 15 одбрани, а Марко Кизиќ, кој го смени во последните минути стигна да запре четири противнички удари. Вардар сега дојде до 9 бода на табелата во групата А, колку што имаат и Мотор и Војводина, но со најдобра гол-разлика. Следниот предизвик за црвено-црните е Кил, на 12 октомври.