Работнички ќе игра во „Градски парк“, ама титулата би морал да ја слави во – туѓа сала!

Македонскиот кошаркарски тим со најголем број трофеи, екипата на Работнички и во претстојната сезона домашните натпревари ќе ги игра во својот дом – салата „Градски парк“, дознава „Спорт1“ од извори од Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ).

Комисијата за лиценцирање на салите и за следниот шампионат ќе даде условна дозвола за кошаркарскиот храм, како што популарно се нарекува објектот во срцето на Скопје кој е изграден уште во 1970 година и тоа од времен карактер. Тоа значи дека центарци во својата сала ќе може да ги одиграат само средбите од Првата лига, но потоа ќе бараат нов дом.

Според актите на КФСМ, Суперлигата е највисоко ниво на натпреварување за кое се бараат максимални услови, кои „Градски парк“ во моментов не ги исполнува ниту, пак, би можел да ги исполни без целосно реновирање, поради што тимот предводен од Димитар Мираковски ќе мора да игра на друго место. Ова всушност е повторување на ситуацијата од минатата сезона, кога Работнички исто така суперлигашките и плејоф-средбите мораше да игра како домаќин во друго спортски објект, што тогаш беше салата „Младост“ во Гостивар и „Борис Трајковски“ во Скопје.

Ова е своевиден компромис за доброто на македонската кошарка, кој ќе ги задоволи барањата на најтрофејниот клуб и армијата негови навивачи, но и нема да ги прекрши правилата на Куќата на кошарката. Ваквото решение наидува на одобрување кај останатите тимови од елитата, а официјално ќе треба да се потврди на утрешниот состанок на прволигашите со раководството на КФСМ.