Првакот самоуверен: Имаме најсилен тим, одиме на двојна круна и плејоф во АБА2!

Актуелниот кошаркарски шампион, екипата на МЗТ Скопје, утре и официјално ќе ја почне новата сезона со натпревар на домашен терен од АБА2-лигата против ОКК Слобода Тузла (19 часот), поради што традиционално, на прес-конференција, ги искажа своите амбиции кои се – највисоки.

Според директорот на клубот, Тони Грнчаров, аеродромци имаат најсилен тим на домашна сцена во моментов, што автоматски значи атак на шампионската титула и трофејот во Купот на Македонија. На регионален план, „металците“ најмалку посакуваат пласман во плејофот, со оглед на засилената конкуренција, а таму потоа да пробаат да дојдат до џекпотот – пласман во елитата.

„Со оглед на кошаркарите со кои располага нашиот стручен штаб, слободно може да кажам дека сме најсилни ако се гледа нашето првенство, што воедно значи атак на двата трофеја. Во АБА2-лига ќе биде потешко, бидејќи има добри екипи кои сериозно се засилија летово, како Сплит, Динамик, Слобода Тузла и Рогашка. Но, ние не биле тоа што сме, ако не одиме по највисоки цели, а тоа е да влеземе меѓу четири најдобри, па таму со поголема среќа да стигнеме до финалето и до АБА. Имаме тим кој е спој на млади играчи како Маслинко, Магдевски и Николов и на поискусни Симоновски, Дамјан Стојановски и Крстевски. Екипата има хемија и се надевам дека со добра работа ќе стигнеме до посакуваните резултати“, изјави Грнчаров.

Првиот оперативец на клубот проговори и за начинот на кој ќе игра тимот од „Јане Сандански“.

„Моја желба е да играме брза и агресивна кошарка со добра одбрана и многу трчање. Знам дека е лесно да се каже, а потешко да се спроведе на терен. Тоа е модерна кошарка и мора да држиме до тоа за да имаме успех како тим. Воедно, мора да потенцирам дека имаме втора екипа која ќе игра во Првата лига, нешто што за првпат се случува мак-баскетот, а во која се собрани сите таленти од целата Македонија. Едно да играат пет минути, а сосема друго да играат цел меч. Ова е амбициозен проект за кој сум убеден дека ќе донесе резултат“, дополни Грнчаров.

Тренерот на МЗТ Скопје, Ѓорѓи Кочов, кој е фокусиран кон утрешниот дуел со Слобода Тузла, смета дека остварените победи во подготовките (седум од осум) не значат ништо ако тоа не се потврди онаму каде што е најважно.

„Задоволен сум од подготовките, од ден во ден напредувавме како тим. Сепак, победите во пријателските мечеви не значат ништо посебно, бидејќи официјалните дуели се секогаш нешто друго. Слобода Тузла е екипа составена од млади и талентирани кошаркари. Без разлика што ривалот вели дека ние сме фаворити, тоа ќе биде тежок натпревар“, изјави Кочов.

Со неговото тврдење се согласи и капитенот Дамјан Стојановски, кој најави голема борбеност во текот на сите 40 минути, бидејќи само така може да се дојде до посакуваниот триумф на стартот од сезоната во АБА2.