Мареј продолжува со сензационалниот кам-бек

Енди Мареј се пласираше во четвртфиналето на турнирот во Пекинг, откако утринава во три сета го совлада сонародникот Кем Нори.

Поранешниот светски рекет број 1 славеше со 7-6, 6-7 и 6-1 и за прв пат годинава успеа да врзе две победи една по друга. Во претходното коло во Пекинг славеше против моментално 13-тиот светски тенисер и полуфиналист од Ју-Ес Опен, Матео Беретини.

Со овие две победи Мареј ќе направи голем скок на АТП-листата од следниот понеделник и треба да се најде на 286-тото место, што е напредок од дури 217 места. Во четвртфиналето ќе игра со подобриот од дуелот помеѓу Тим и Џанг.