Бутел ја демолира Струга и почна да размислува на Европа!

Ракометарите на Бутел ги остварија плановите среде работна недеа и освоија очекувани бодови во дуелот со Струга, славејќи со 32-18.

Во натпреварот во скопската населба Радишани, немаше никакви проблеми за домаќините, кои покажаа дека поразот од Металург, во дербито пред два дена не оставил трага врз нив.

Првото полувреме беше релативно изедначено, за услови на еден ваков натпревар и заврши „само“ со 14-10 за Бутел. Во вториот дел одбраната на скопјани беше уште поцврста, стружани почесто грешеа и разликата лесно стана двоцифрена. Мајиќ со девет гола беше прв стрелец , Миланов додаде пет за Бутел, додека кај Струга најефикасен беше Новаковиќ со пет погодоци.

Овој натпревар се играше денеска, а не претстојниот викенд, како и сите останати од 5. коло, поради европските обврски на Бутел. В сабота од 18.30 часот, во „Кале“ ќе го пречека Запорожје, тимот од истиот град на многупоквалитетниот Мотор. Тоа ќе биде прв меч од второто квалификациско коло во ЕХФ-купот, реваншот е во Украина на 13 октомври.

Втор македонски претставник во оваа фаза од ЕХФ-купот е и Пелистер, кој в недела му гостува на Винтертурн, а Металург ќе се приклучи од третото квалификациско коло, во ноември.

 

СУПЕРЛИГА 5. КОЛО

Бутел – Струга 32-18

Работнички – Металург (сабота 15.00ч.)

Вардар Јуниор – ГРК Охрид (сабота 16.00ч.)

Радовиш – Металург 2 (сабота 19:00ч.)

Пелистер – Пролет (9 октомвеи 18.30ч.)