Најнови ВЕСТИ
Search

Нова генерација, нова надеж: За добар старт Фарските Острови мора да се победат!

Пред две години младата македонска фудбалска репрезентација го оствари најголемиот успех со настапот на Евро 2017 во Полска, а за 18 месеци сè што беше изградено се „уништи“ со катастрофалниот настап во циклусот за ЕП 2019 во Италија во квалификациите во кои завршивме како претпоследни. Сега, на ред доаѓа нова генерација, со нови надежи, а и старо-нов селектор во Благоја Милевски да тргне во поход за да се избори за ново учество на континенталниот самит на европски надежи.

Македонија попладнево (16 часот) на тренинг-центарот Петар Милошевски ја отвора својата евроквалификациска авантура против Фарските острови, селекција која по рејтинг е аутсајдер, но селекција која може да направи проблем ако биде потценета. Милевски на располагање ги има најдобрите надежи, поголем дел од селекцијата до 19 години која лани играше евроквалификации, дел староседелци, кои имаат право на настап уште во овие квалификации и кои треба да го донесат потребното искуство за успешна авантура.

„Фарските Острови се налик на Исланд и не смееме да ги потцениме. Јас и по ждрепката реков дека сите селекции, освен Шпанија која е апсолутен фаворит имаат еднакви шанси да се борат за второто место кое води во баражот за Евро 2021“, вели Благоја Милевски, кој во март годинава се врати на кормилото на националниот тим.

За почеток, победата е неопходна зашто трите бода од пресметката со Фарските острови прво ќе донесат позитивна атмосфера, а второ ќе донесат голема самодоверба пред двата меча во октомври. Кога во оваа генерација го нема Елиф Елмас, кој сега е првотимец кај сениорите, лидер на генерацијата е бундеслигашот Дарко Чурлинов, заедно со уште низа младинци од таа екстраталентирана генерација до 19 години (Јани Атанасов, Димитар Митровски, Кристијан Трапановски, Тодор Тодоровски, Филип Антовски, Агрон Руфати…).

„Ниту една репрезентација не е за потценување, па ни нашот прв противник Фарските осторви. Ќе дадеме сè од себе за да победиме и се надевам на добри резултати и на овој и на следните натпревари во овој циклус. Атмосферата во нашата репрезентација е одлична, и искрено се надевам дека така и ќе остане“, вели Чурлинов, фудбалерот на германски Келн, кој поради стартот на квалификациите за младата селекција е префрлен со врсниците, иако на последниот список на А-тимот беше дел од избраниците на Игор Ангеловски.

Квалификациите во нашата група веќе се во полн ек, па Казахстан засега со шест бода од три меча е прв, пред Шпанија со три бода од еден меч и Црна Гора со три бода од два меча, додека Фарските острови веќе запишаа две „нули“.

Нашиот противник денеска загуби дома со 1-3 од Казахстан, па на гости во Црна Гора со 0-3. Казахстанците имаат триумф и од пресметката во Подгорица против Црна Гора со 2-1, а најдалечната европска земја има еден минимален пораз со 0-1 од фаворитот Шпанија. Казахстан денеска е домаќин на Израел од 15 часот, а Шпанија игра со Црна Гора од 19.45 часот.

Со три бода, Македонија во суператмосфера ќе го дочека гостувањето на 10 октомври во Црна Гора, а потоа домашниот меч со негодниот Казахстан на 15 октомври во Скопје.


TAG