Најнови ВЕСТИ
Search

Американците го расплакаа Бразил, ѝ донесоа историја на Чешка и не се исплашија од – Србија (ФОТО)

Без никакви калкулации и размислувања за евентуално полесни противници во нокаут-фазата, кошаркарите на САД го совладаа Бразил (89-73) и го осигураа првото место на табелата во групата К, но истовремени и ѝ обезбедија историски пласман во четвртфиналето на Чешка.

Американците можеа да одиграат и со „втора брзина“, бидејќи со евентуален пораз не само што ќе му помогнеа на бразилскиот состав, во кој играат голем број поранешни играчи од НБА, туку и ќе го избегнеа подобриот од дуелот Аргентина и Србија во полуфиналето. Но, Грег Попович не би бил толку голема легенда ако би играл калкулантски, поради што неговите избраниците на крајот дури и убедливо ги совладаа „кариоките“, кои дадоа сѐ од себе и чесно се простија од Мундобаскетот.

Победникот беше решен во второто полувреме, откако Бразил одлично се држеше во првите две четвртини по кои фаворитот имаше предност од само четири поени (43-39). Мајлс Тарнер и Кемба Вокер со по 16 поени беа најпрецизни кај САД, додека Витор Бените со 21 поени беше најефикасен кај „кариоките“.

За одбележување е фактот што Бразилците во поголем дел од средбата беа без селекторот Александар Петровиќ, откако Хрватот доби две технички грешки уште во првото полувреме.