МЕМОРИЈАЛ „ЧАЈКА“: ОДБОЈКАРИТЕ ПРОТИВ УКРАИНА, БУГАРИЈА И БЕЛГИЈА, ЌЕ „МЕРАТ“ КОЛКУ ИМ Е СИЛАТА ЗА ЕП

Последната акција пред домашната публика пред премиерниот настап на Европското првенство во септември, машката одбојкарска репрезентација на Македонија ќе ја има денеска и утре во салата „Градски Парк“ во Скопје како домаќин на силниот меѓународен меморијален турнир „Бранко Хаџи Иљоски – Чајка“.

Во 43. издание на меморијалот семејството Хаџи Иљоски одново дозволува истиот да се користи како сервис на националниот тим кој преку Украина (противник во полуфиналето) како и Бугарија и Белгија (втората полуфинална двојка) да ја направи последната проверка на силата пред ЕП.

„Меморијалот за првпат во својата историја ќе се игра во Скопје, а не во Тетово и е ставен во функција на репрезентацијата. Чест и привилегија е да се биде домаќин на толку силни национални тимови како Белгија, Бугарија и Украина, а тоа е покана за љубителите на одбојката да дојдат во слата и да уживаат во натпреварите“, рече Ивица Хаџи Иљоски, организаторот на турнирот.

За селекторот Никола Матијашевиќ ова е вистинска шанса да „измериме“ колку ни е силата во пресрет на континенталното деби.

„Поради проблемите со повредите и фактот дека постојано тренираме некомплетни заостануваме малку во техничко-тактичката подготовка, а аномалиите од тоа можев да ги видам во играта на претходните пријателски натпревари. Овој силен турнир, од една страна сакаме да биде наша финална промоција пред ЕП, а истовремено да видиме колку вистина ни е силата и дали рамноправно може да се носиме со едни силни селекции како Бугарија, Украина и Белгија, кои исто така ќе ги гледаме на ЕП“, заклучи селекторот Матијашевиќ.

Македонија денеска во 17:30 часот против Украина игра во првото полуфинале, додека од 20:15 часот се среќаваат Белгија и Бугарија. Мечот за третото место е в сабота (17:30 часот) додека терминот од 20:15 е резервиран за финалето.

Натпреварите од меморијалот „Чајка“ ќе имаат телевизиски пренос на јавниот сервис.