Реал одржа состанок со таткото на Нејмар, претседателот Ал-Келаифи веднаш реагираше

Скаути и адвокати од Реал Мадрид имале состанок со таткото на Нејмароколу потенцијален трансфер во престолнината на Шпанија, нешто што го загрижи претседателот на ПСЖ, Насер Ал-Келаифи. Се споменува цифра од 400 милиони евра како задоволителна сума која би ја прифатила француската екипа.

Бразилецот е најскапата инвестиција во проектот на катарскиот бизнисмен кој има единствена цел, а тоа е да ја освои Лигата на шампионите. Но, елиминацијата од „кралевите“ во осминафиналето оваа сезона се надоврза на мизерните изданија на фудбалерите од Париз во најелитното натпреварување во Европа.

Првиот човек на ПСЖ не сака да слушне за продажба на Нејмар, а цело време се обидува да ги задоволи сите барања на бразилскиот фудбалер и неговиот татко со цел да ги убеди да останат во Франција уште долго време. Текот на настаните не ветува многу за тимот на Унаи Емери, кој сепак заостанува зад големите европски екипи, иако доминира во домашниот шампионат.

Реал Мадрид од друга страна верува дека еден ден ќе соработува со Нејмар и дека токму тој ќе биде иднината на клубоот, откако ќе си замине Кристијано Роналдо. По шпекулациите кои се појавија во шпанските медиуми, Ал-Келаифи веднаш побарал да се види со таткото на фудбалерот, кој е негов агент, за да дискутира околу потенцијалните сомнежи за неговата иднина во ПСЖ.