Муњиз доби клоца, а на заминување даде смешно објаснување зошто Барди не играл

По 15 меча без победа очекувано Леванте го смени тренерот Хуан Рамон Лопез Муњиз, кој од почетокот на оваа година ептен малку веруваше во македонскиот репрезентативец Енис Барди, па на местото на досегашниот кормилар сезоната ќе ја заврши Пако Лопез, кој доаѓа од младинскиот погон на овој шпански клуб.

И откако Муњиз го дотурка Леванте во зоната за испаѓање, поради што скапо ја плати цената со отказ, доскорешниот тренер на шпанскиот тим даде смешно објаснување зошто Барди не е во комбинација за мечевите. Најдобриот фудбалер за 2017 година во Македонија одигра нешто повеќе од 60-на минути од 1 јануари досега, а во последно време или е закован на клупата или на трибините.

„Во оваа положба нема место, ако имаше ќе ме прашавте за бодовите. На крајот ние се обидуваме да играме според карактеристиките што ги нуди мечот и тимот, а на последните мечеви, мислам дека во тие карактеристики, тој не се вклопува најдобро во мчевите. Ги имаме Шеик, Лерма, Лукиќ и Кампања, кои се четворица фудбалери кои може да играат перфектно. Ако играме со двајца понапред, треба тројца да испаднат. Ако играме со троја, двајца ќе извисат. Како и да е, кој останува надвор треба да има желба да игра, а таа се решава со работа“, одговорил Муњиз на прашање зошто постојано е изоставуван Барди.

Македонскиот фудбалер за врска беше хит во есенскиот дел од сезоната, кога даде два гола од слободен удар, а уште два од игра и запиша неколку асистенции, но откако се повреди пред крајот на годината, а поради суспензија (пет жолти картони) не играше со Барселона, го загуби првотимското место и потоа се почесто беше на клупата без да добие минутажа. На последните три меча, пак, дапати беше на трибините.

Последната победа во Ла Лига, Леванте ја имаше на 19 ноември лани, а единствената во оваа 2018 година е триумфот кај Еспањол на гости во Купот на Шпанија со 2-1, но во реваншот овој тим од Валенсија испадна.